Советите од професионалци за уредување на работниот простор или канцеларија со растенија се од непроценлива вредност…
Зеленилото го разубавува просторот, го намалува стресот, го зголемува еланот за работа и го прочистува воздухот, а многу истражувања покажале дека и работната продуктивност се зголемува за 40%, а креативноста за 50%. Затоа, пред да купите растенија за во вашата канцеларија, размислете како за елемент кој ќе допринесе за напредок во вашата кариера, а не како на нешто споредно.
Ви откриваме неколку совети за избор и нега на цвеќе во вашата канцеларија кои ќе ви овозможат да го збогатите вашиот работен простор и го направите поинспиративен.
Одберете најприкладно цвеќе во 4 чекори:
1. Фокусирајте се на растение кое не бара многу нега – понекогаш поради презафатеност со работа заборавате да го залевате со вода.
2. Ако на вашето работно место немате многу природна светлина, купете замија (Zamia), афричко копје (Sansevieria cylindrical) или филодендрон (Philodendron).
3. Ако имате светлина, набавете папрат или кактус.
4. Одберете растенија кои го прочистуваат воздухот – ви предлагаме фикус (Ficus elastica), драцена (змаево дрво), дрво на мирот и афричко копје.
Основни совети за нега на растението:
1. Проверете го растението – ако првите 3-4 см од почвата е сува, потребно е да извршите залевање.
2. Не дозволувајте во тацната од саксијата да има вишок на вода подолго од 30 минути.
3. Во зима греењето во просторијата е појако, па често воздухот е сув. Затоа во такви услови растението бара дополнително залевање.
4. Растенијата бараат оптимална температура помеѓу 19 и 23°С. Затоа немојте да го поставувате растението близу вентилатор, радијатор и влезна врата, кои можат да предизвикаат промаја, повисока или пониска температура.
Ако канцеларијата ви се наоѓа во центарот на градот или е изложена на чад од цигари и негативно зрачење или доколку воздухот е сув, прочитајте кои растенија не поднесуваат сув воздух.