Booking.com

Овој вид на палма (лат. Chamaedorea elegans) се карактеризира со деликатни, издолжени и елегантни гранки и поради таа своја декоративност често може да се види како декор на многу ентериери. Многу е издржлива како собна билка, па поради тоа уште е позната и како салонска билка.

hortikultura.mk_chamaedorea _elegans_palma_1
Води потекло од тропските џунгли на југоисточниот дел на Мексико и Гватемала. Во собни услови достигнува релативно мала висина од 1.20 метри, а може да достигне на отворено и до 3 метри. Таа е дводомна билка, што значи дека машките и женските цветови растат на посебни растенија. Често се применува една интересна техника – се сеат повеќе семиња во една саксија и на тој начин се добива џбунесто растение со меки листови налик на пердув.

hortikultura.mk_chamaedorea _elegans_palma_2
„Елеганс“ е многу издржлива палма, што значи поднесува полусенка и ниски температури, а трпи дури и прекумерно залевање со вода. Меѓутоа, најдобро успева на посветло место во станот, на индиректно филтрирано светло, но да не биде под директни сончеви зраци, бидејќи тие предизвикуваат дамкавост на лисјата.

Супстратот во кој се одгледува треба да е добро дрениран, хумусен, со мал процент на песок и не се препорачува преголемо прихранување – еднаш месечно во пролет и на секои два месеци во текот на есента и зимата. Имајте во предвид дека палмите имаат долг корен, па поради тоа саксијата треба да биде подлабока. Размножувањето се врши со семе кое никнува на висока температура од околу 25ºС. Се сее по три семки заедно, а треба посебно да внимавате, кога ќе вршите пресадување, да не го оштетите коренот.

Chamaedorea elegans
Уште е позната и како палма на среќата, бидејќи се верува дека носи среќа во домот. Како собно растение му дава тропска свежина на ентериерот, меѓутоа во текот на летото може да ја изнесете и во вашата градина каде ќе продолжи да зрачи со својата елеганција. Во летниот период, треба да се чува на умерена температура, додека пак во зимскиот на температура околу 13ºС.
hortikultura.mk_chamaedorea _elegans_palma_4

 

Loading...