Booking.com

Брезата (лат. Betula) е род на листопадни дрвја кое достигнува висина до 20 метри, а ширина 7-10 метри. Брезите се застапени ширум северната полутопка, особено во северните умерени и субполарни краишта. Во Македонија се среќава само белата бреза (Betula pendula). Името на ова дрво се содржи во разни топоними и населени места како Брезово, Брезно и голем број села со името Брезница.
Сите видови брези се мали до средни дрва или грмушки и претежно виреат во умерениот појас. Кората на ова дрво има карактеристични хоризонтални засеци. Отпорна е на распаѓање поради смолното масло што го содржи. Бојата на кората е различна кај различни видови, поради што постојат видови наречени „сива“, „бела“, „црна“, „црвена“ и „жолта“ бреза.

hortikultura-mk_breza_1 hortikultura-mk_breza_2
Периодот на цветање е од април до мај. Брезите често растат рамномерно на лесни, добро исцедени кисели почви. Важат за пионерски вид што брзо се шири на отворени предели по опожарување на вегетацијата и можат да бидат наметливи доколку не се контролираат. Начелно се низински дрва, но некои видови, како џуџестата бреза (Betula nana) се планински.

Брезата е многу издржливо дрво кое лесно се прилагодува на сите типови на почва и екстремни услови. Тоа е декоративно дрво бидејќи има убав изглед во текот на целата година и често се користи во хортикултурното уредување на паркови. Во зима е декоративна заради белата кора, во пролет, пред листањето, кога се развиени висечките машки цветови, во текот на вегетацијата е декоративна заради прекрасниот облик на листовите и пријатниот изглед на целото стебло. Погодна е за поединечно садење или садење во групи, како и за комбинација со други видови, особено четинарски видови.

hortikultura-mk_breza_3
Освен белата бреза, постојат и други видови: сицилиска бреза, кинеска црвена бреза, карпатска бреза, кинеска џуџеста бреза, јапонска црешова бреза, кавкаска бреза, џуџеста бреза, сибирска бела бреза, хималајска бреза, жолта бреза, американска џуџеста бреза, шеќерна бреза, алјаска бреза и многу други.
Брезата е мошне тврдо дрво и затоа тешко се работи со рачни орудија. Дрвото има сјаен изглед и е погодно за украсни површини како фурнир. Од него често се прават и шперплочи за мебел и макети во авиомоделарството.
Брезата симболизира обнова, стабилност и прилaгодливост поради нејзината жилавост и приспособливост на разни физички и климатски услови. Брезата е национално дрво на Финска и Русија како и државно дрво на Њу Хемпшир, САД.

hortikultura-mk_breza_4 hortikultura-mk_breza_5

Loading...