Booking.com

Адамот (лат. Alocasia odora) води потекло од Индија каде има многу висок раст, но кај нас се одгледува како декоративно собно растение. Адамот е повеќегодишно растение кое има подземно стебло во вид на кртола. Цвета еднаш годишно со зелени цветови. Познато е меѓу народот дека ова растение „плаче“, а всушност тоа е природен процес кој се нарекува гутација, т.е преку овој процес растението се ослободува од вишокот на вода кога транспирацијата е отежната, а тоа се случува кога растението се залева премногу често и кога во просторијата имаме превлажен воздух. Инаку, адамовиот сок е многу отровен и може да предизвика алергиска реакција.

hortikultura-mk_adam_1
Освен во домот може да го одгледувате и надвор ако има доволно светлина, без директна изложеност на сончеви зраци бидејќи листовите може да пожолтат. Може да го ставите и на сенка, но тогаш ќе му се издолжат лисните дршки и треба помалку да го залевате. Добро поднесува жештини и може да го чувате во простории со централно греење, но треба да му овозможете доток на свеж воздух и редовно оросување. Листовите често бришете ги со влажен сунѓер. Ако во просторијата има задимен и сув воздух, листовите ќе почнат да се сушат по рабовите.

hortikultura-mk_adam_2 hortikultura-mk_adam_3
Треба да го пресадувате на секои две години во поголема саксија и при тоа да внимавате да не го повредите коренот. Му одговара јака, пропустлива, плодна почва. Прихранувајте го на секои 15 дена во лето, а еднаш месечно во зима.
Адамот бара доста вода и често залевање, особено ако е во просторија со централно греење. Во лето залевајте го на секои два дена, а во зима два пати седмично. Земјата треба да биде постојано влажна, но водата не смее да останува во подлошката бидејќи може да почне да трули коренот.

hortikultura-mk_adam_4
Идеална температура во зима е 18°С. Внимавајте земјата и во овој период да биде умерено влажна и да не се исуши. Можно е да биде и во период на мирување, но на пролет пак ќе почнат да растат млади листови.
Се размножува со резници и делење на изданките. Резницата се отсекува со нож од матичното растение и се сади во што помала саксија. За да зажили треба температурата да биде од 20-23°С. Многу успешно се размножува и со семката која се формира во цветот.

hortikultura-mk_adam_5

Alocasia calidora

Loading...