Booking.com

Изработката на терариум е многу едноставна и може да биде прекрасна декорација за во домот. Терариум се прави на ист начин како и садење на цвеќе, а најважно е да се одберат растенија на кои им одговараат „мочуришни услови“ – влага и топлина.
Стаклената топка, жардиниера, коцка или голема тегла, можат да бидат единствен украс во домот, доколку од нив се направи терариум со цвеќе.


Терариумите се мали екосистеми кои се прават во затворени садови со земја и растенија, а покрај тоа што се фантастична декорација за дневната соба, тие се најоригинален начин да се „спасат“ растенијата кои се скршиле или се „вишок“ бидејќи се пренамножиле. Во терариум надобро успеваат кактуси, сукуленти, папрати и мов. Но, терариумот не треба да се ограничува само на овие растенија, туку да го декорирате дополнително и со мали фигури, школки, каменчиња…
За садење на терариум потребни ви се:
• стаклен сад
• земја/хумус
• активен јаглен (може да најдете во било која продавница за куќни миленици)
• каменчиња во разни форми, фигури и школки
• дрвен стапче со помош на кое ќе ги наместите растенијата во внатрешноста на садот по ваша желба и на свој начин


Секој терариум е единствен и посебен и не постојат строги правила кон кои ртеба да се придржувате, а самата изработка е доста едноставна. Во терариумот најчесто се ставаат папрати, кактуси, зимзелена грмушка Epigaea repens, па дури и афричка љубичица (Saintpaulia spp), пеперомија (Peperomia), односно тропски и суптропски растенија и сите оние растенија кои споро растат за да не би дошло до надраснување на терариумот.


Кога ќе се одбере стаклен сад (со што поголем отвор), на дното се става песок или чакал (ситен камен), а потоа и градинарска земја или хумус (купете нова, бидејќи старата можеби е заразена со микроорганизми). Добро е да се стави и активен јаглен, помеѓу песокот и земјата, бидејќи тој ја прочистува водата.
Терариумот не треба да стои на сончеви места, бидејќи не треба да дојде до пребрзо растење на растенијата или пак да дојде до нивно прегорување од сончевите зраци. Потребна е светлина, но не и директно сонце.
Терариумот се залева еднаш на секои 2-3 месеци со пипета, со многу малку вода. Не смее да остане многу вода во него, бидејќи ќе дојде до трулење на растението. Терариумот се залева само кога ви изгледа сув.

Инсекти
Практично, во терариумот растенијата се во потполна стаклена атмосфера, каде воздухот е ограниченм па како резултат на тоа се јавува влажен воздух кој им одговара на растенијата. Во терариумот може да се одгледуваат многу осетливи растенија кои на собна температура изгледаат многу полошо. Сепак, изборот треба да се прилагоди на оние растенија кои не растат брзо и да се внимава посебно на хигиената, бидејќи терариумите се идеална средина за развој на инсекти штетници.

Loading...