Booking.com

Македонскиот даб (лат. Quercus trojana, syn. Quercus macedonica) е вид од родот даб. Името води потекло од латинското име Quercus кое Римјаните го користеле за даб. Името trojana укажува на подрачјето на легендарниот град Троја.
Македонскиот даб е листопадно дрво од средна големина – расте помеѓу 10-20 метри во висина, со темнозелени кожести листови, елипсовидни, плитко, но остро назабени, со широка крошна. Листовите се сушат на есен, меѓутоа не паѓаат од стеблото до пролет, кога започнува формирањето на новите листови.
Желадот (плодот на дабот) е крупен, созрева во втората година. Желадот игра важна улога во шумската екологија во дабовите шуми. Постојат разни животни што зависат од желадите за нивен опстанок. Од птиците, со нив се хранат сојките, гулабите, некои видови патки и неколку вида на клукајдрвци. Меѓу малите цицачи, најмногу желади јадат вервериците, глувците и некоку други глодари.


Големи количества на желади јадат и крупните диви животни како дивата свиња, мечката и еленот. Во случајот на еленот, тие можат да сочинуваат до 25% од неговата исхрана во зима. Во Шпанија, Португалија и дел од Англија домашните свињи се пуштаат во природа за да се најадат желади и со тоа подобро да се згојат.
Овој вид на даб е изразено сушоотпорен т.е расте на суви предели до 1500 метри надморска висина. Структурата на влакното на македонскиот даб е најсоодветна за добивање на дрвени буриња од највисок квалитет. Нашиот даб расте доста споро, што гарантира дека неговиот квалитет е многу подобар од оние брзо расни шуми, кои даваат големи количини на дрво но без соодветен квалитет.
Најраспространет е во Југоисточна Европа, од Италија до Балканските земји (Македонија, Црна Гора, Албанија, Грција) и во Југозападна Азија (во Западна Турција). Во Македонија е застапен на суви, претежно карбонатни предели.

Loading...