Booking.com

Пампас трева (лат. Cortaderia selloana) претставува украсна трева која води потекло од Јужна Америка. Растението формира остри, светлозелени листови кои растат од коренот. Достигнува висина околу 1.5 метар, исто толку и во ширина. Цвета во есен со метличести цветови во бела боја.


Како и секоја украсна трева, така и пампасот не бара некои посебни услови на одгледување, меѓутоа доколку и се овозможат посебни услови тогаш ќе ја покаже својата бујност и брз раст. Бара сончеви позиции, по можност во текот на целиот ден. Бара многу влага и често залевање.
Треба да се води сметка водата да не се задржува околу коренот. Земјата треба да биде пропустлива. Составот на почвата не е толку важен, меѓутоа во плодна почва има подобар раст. Во текот на сезоната на раст – од пролет до зима, достигнува висина до 1.5 метар. Во текот на целата зима растението ќе остане декоративно и ќе го разубавува дворот додека другите растенија стагнираат. Пред појавата на мразевите пампасот треба да се заврзе за да се заштити од тежината на снегот, со што би се спречило негово уништување. Не треба да се реже, бидејќи на тој начин ќе се овозможи продирање на водата до средиштето на растението со што би се уништила, значи само заврзување.


Плиткиот корен може да доведе до измрзнување, посебно на младите растенија, па заради тоа пред почетокот на зимата коренот треба да се покрие со земја. По завршетокот на зимата, тревата треба да се скрати на 10-20 см од земјата. Набргу, откако времето ќе затопли, ќе се појават нови листови. Покрај класичната пампас трева со бели цветови, може да се издвои и Cortaderia selloana ‘rosea’ која цвета со розеви цветови. Се одгледува на ист начин како и белата.


Пампасот се размножува со семе. Семето се расфрла врз земја и се прекрива со тенок слој. Преку овој начин на размножување е потребно повеќе време за да се добие возрасно растение кое ќе почне да цвета. Поради тоа се практикува размножување со делење на коренот. На пролет, пред почетокот на вегетацијата, коренот треба да се извади и раздели на повеќе делови и секој од нив може да се посади поединечно.

 

Loading...