Booking.com

Лаванда, рузмарин, маслинка – дали е тоа сè што ни нудат медитеранските градини? Иако се тоа препознатливи растенија за овој тип на градини, сепак ситуацијата на терен е сосем поинаква од нашата перцепција.
Медитеранската градина е препознатлива по романтичните елементи карактеристични за италијанското и шпанското поднебје, по едноставниот дизајн и достапните детали кои ја красат. Во неа има изобилство на растенија со нежни, светли бои, богати со листови, природен камен со бледи нијанси, теракота, истрошена тула и мов. Со овие материјали се изработуваат ѕидовите, рибник и други елементи, додека за патеките се користи чакал и камени плочки.

При самата помисла на медитеранска градина, во нашите мисли се буди мирисот на ароматични и лековити билки, цвеќе и камени бели куќи. За да се постигне рустикалниот изглед на медитеранската градина, најпогодни материјали се стари камења и камени плочи, теракотни саксии и глинени ќупови, ситен камен за патеки и дрвени буриња. Како украс на оваа градина може да се искористи и стара ограда, стара дрвена кола и слично.
Медитеранските градини се идеални за подрачја со сува летна клима и блага зима. Особено треба да се внимава на изборот на растенија и добра дренажа на почвата.

При дизајнирање на медитерански двор или градина, треба да се користат светли, чисти линии комбинирани со крупни растенија. Некои растенија можете да ги засадите и во саксии за да добиете занимлив изглед. Посадете што повеќе лиснодекоративни растенија во сончевиот дел на градината. Ароматичните растенија како жалфијата, лавандата и рузмаринот ќе внесат мирис, а ружите ќе внесат и боја и мирис. Украсните треви ќе дадат занимлив облик и текстура. Во теракотните саксии засадете некое интересно растение (зимзелено со помал раст или ароматично).
За да не згрешите во изборот на растенија, како типични медитерански дрва се сметаат палмите, чемпресите, бугенвилијата, маслинка, лимон, портокал, а од грмушките најкористен е олеандерот. За постудени подрачја, може да се посади винова лоза, која ќе ја има улогата на стреа или ограда.
Од цвеќињата и ароматичните растенија најпопуларни за користење се ружите, лавандата, жалфијата, рузмаринот, сончогледот. Често се застапени и езерца, фонтани, водопади и базени.

Loading...