Booking.com

Хибридниот вид (лат. Photinia x fraseri “Red robin”) на фотинија настанал од Photinia (Crataeus) glabra и Photinia serrulata од Нов Зеланд. Интродуцирана е во Европа во 1980 година, меѓутоа било потребно време за да се популаризира овој вид. Во последните 10 години овој хибрид е најпродаван вид за екстериери. Многу е декоративен поради својот хабитус, листови, обилно цветање и бобици. Исто така, многу е отпорна на болести и паразити.

Расте како исправена грмушка (џбун), а доста е популарна и во форма на дрво со атрактивни сиво-зелено стебло, со густа круна. Може да порасне од 3-5 метри во висина и 3-4 метри во ширина. Листовите се зимзелени, назабени, а додека се млади имаат црвена боја и изгледаат многу декоративно. Од касна пролет до крај на летото, листовите постепено стануваат зелени, а оние листови кое сеуште имаат црвена боја, на есен добиваат виолетово-црвена боја. Цвета во мај, а цветовите не се многу атрактивни. Плодовите се појавуваат во зависност од кроењето, од крајот на летото до крајот на есента.

Фотинијата е многу лесно прилагодливо растение. Успева на сите типови на почва, меѓутоа најдобри резултати дава на земјиште богато со минерални материи, не премногу суви, а поднесува и варовнички почви. Значи, потребно е редовно залевање и прихранување, за да имаат добар прираст, со крупни и црвени листови. Бара сонце и полусенка. Многу добро го поднесува кроењето и од неа многу лесно може да се формира компактна декоративна жива ограда. За формирање на жива ограда, се садат млади растенија и веќе формирани садници.

Фотинијата се сади од есен до пролет, а садењето може да биде поединечно или во групи. Пред садењето, ископаната земја се меша со компост и ѓубриво, а еден ден пред садењето, садниците треба добро да се залеат со вода.

Поради својот голем прираст и односот на големината и цената за ограда, препорачуваме млади растенија во саксија кои добро напредуваат и со правилна нега можат многу брзо да формираат жива ограда. Растојанието на садење е 80-100 cm, во зависност од бараната висина и ширина. После садењето, обавезно се поставува систем капка по капка (идеален за наводнување во летниот период) и ќе добиете двојно побрзо впечатлива жива ограда.

Кроењето може да се врши во текот на летото и на тој начин се добива густа крошна и бројни млади црвени листови.
Фотинијата е осетлива на долги и јаки мразеви во текот на зимскиот период и може многу лесно да дојде до измрзнување на младите листови. Ако ви се случи тоа, тогаш реагирајте многу брзо и искројте ги врвовите и многу брзо ќе изникнат нови.
Размножувањето се врши од резници, кои бараат соодветна температура и влажност за да можат побргу да се ожилат. Примената на фитохормони ја зголемува успешноста на ожилување.

Loading...