Booking.com

Зачинските и лековитите растенија (рузмарин, жалфија, лаванда, босилек) треба да се одгледуваат во услови што се слични на оние од нивната природна средина. Во зачинските градини се одгледуваат голем број зачински и лековити растенија, кои потекнуваат од Средоземјето и ним им одговара многу сонце и пропустлива почва.
При нивното садење може да се креира интересен дизајн со комбинација на групи со слични или контрастни бои.

Дали би сакале да имате зачинска градина која ќе расте во ваша близина? Како да си направeте домашна зачинска градина?

Своето место зачинските и лековитите растенија можат да го најдат на балконите и терасите, каде што можат да бидат засадени во садови.

Најдобро е почвата за садење на лековити и зачински растенија да се подготви во есен. Со цел да се обезбеди добра пропустливост и плодност на почвата, рано напролет во почвата треба да се додаде органска материја (на пример, градинарски компост). Растенијата што растат во садови може да се садат во текот на целата година, но најдобро годишно време за садење на зачинските и лековитите растенија е пролетта. Пред да се пристапи кон садење и обликување на т.н. зачинска градина, потребно е уште во текот на зимата да се испланира што ќе се засади во пролет, а обликот и шемата на садење добро е претходно да се нацртаат на хартија.

Одгледувањето на поголемиот број од зафатените лековити или зачински растенија е лесно и не бара големо внимание. Билките во садови вообичаено бараат полевање и прихранување во сезоната на растење. Периодично е потребно и нивно пресадување. Билките што во текот на нивниот раст брзо се шират, треба редовно да се поткаструваат пред да се рашират премногу. Со цел да се забрза создавањето на странични фиданки, напролет е потребно поткастрување. Овенатите цветови на крајот на летото или во почетокот на есента треба да се исечат.

Наједноставен и најевтин начин, кој истовремено е и неопходен за едногодишните и за двегодишните билки, е размножувањето со семе.
Повеќегодишните растенија, грмушки и дрвја може да се размножуваат и со резници. Сеидбата на семето може да се изврши во садови или на отворено. Најдобро годишно време за сеење на семето е пролетта. Растенијата што редовно се употребуваат во големи количества (како, на пример, магдоносот) може да се сеат од почетокот на пролетта до почетокот на есента, во интервали од три до четири седмици.

Некои видови растенија што имаат дрвенесто стебло, како, на пример, рузмаринот и лавандата, може да се размножуваат со нагрнување. Овој начин на размножување се врши така што во пролет околу коренот и долниот дел од стеблото растението се нагрнува со пропустлива почва. На овој начин се поттикнува создавање на нови корења. Кога покриените фиданки ќе создадат нов корен, тие се одделуваат од матичното растение. Потоа фиданките се третираат како нови закоренети резници – единки.

Loading...