Booking.com

Во групата на цветни култури за ентериери спаѓаат голем број декоративни видови цвеќиња, кои, главно, се повеќегодишни растенија, а нивното потекло е од различни краишта на светот. Овие цветни култури се произведуваат на отворен простор, во стакленици и топли леи. За некои видови одгледувањето во затворен простор е неопходно, поради неотпорноста на овие растенија на ниски температури и мразеви, како и нивната неотпорност на директно сонце и високи температури.

Цвеќињата за ентериери, главно, се користат како декоративен елемент во домовите или во просториите за работа и разонода. Еден убав букет од свежи цвеќиња во вазна, корпа или неколку саксии со собни цвеќиња на просторијата ѝ даваат душа, живот, свежина.
Набљудувајќи ги цвеќињата и наоѓајќи се во нивна непосредна близина во домот или на работното место, човекот доживува чувство за убавина, спокојство и пријатен амбиент.

Цвеќињата ја разубавуваат околината, ни го разубавуваат животот, го збогатуваат нашиот дух, нѐ опуштаат и, што е најубаво, гледајќи ги цвеќињата, во мислите патуваме во разни краишта на Земјата. На пример, кактусите нѐ асоцираат на пустина, цикламата на прошетка во густа шума, палмата на море и сл. Успехот во ентериерното уредување зависи од правилниот избор на соодветни цвеќиња и нивниот изглед. Во зависност од големината , од достапот на природна светлина, од намената на просторијата (за дневен престој, кујна и трпезарија, спална соба, работна соба, бања, прозорец или веранда) – ќе зависи изборот на растенија што ќе се одгледуваат во неа.

Тие треба да имаат убава зелена боја, да се свежи, сите сувилистови или цветови редовно да се чистат, да се проверува дали е почвата сува или влажна и, во зависност од потребите на растението, да се врши полевање и периодично прихранување.

Цвеќињата за ентериери (собни цвеќиња), во зависност од начинот на одгледување, се делат на:
– саксиски цвеќиња и
– режен цвет.

Името саксиски цвеќиња го добиле поради тоа што се одгледуваат во различни видови садови, односно саксии, а бидејќи се користат за уредување на просториите за живеење и за работа, често се нарекуваат собни цвеќиња. Во однос на декоративноста на одделни делови од растението, саксиското, односно собното цвеќе може да биде цветно-декоративно и лисно-декоративно. Кај цветно-декоративните саксиски цвеќиња (гарденија, гузманија и многу други) главен украс се цветовите, а кај лисно-декоративните саксиски цвеќиња главен украс се листовите. За разлика од саксиските цвеќиња, режениот цвет се произведува во стакленици, а помалку на отворен простор.

Loading...