Booking.com

Денес, растенијата со специјални форми на крошните, имаат сѐ поголемо значење и примена при уредување на зелени површини. Речиси, не може да се замисли убаво уреден двор без дрвја и грмушки со џуџеста, топчеста или пирамидална форма.
Уште при школување на садниците од разни видови листопадни и иглолисни дрвја и грмушки се преземаат одредени одгледувачки мерки со цел да се оформи право дебло и крошна (во зависност од видот и намената).
Должината на деблото кај џуџестите форми изнесува околу 40 cm, а кај дрвјата за дрвореди деблото е високо околу 2-2,5 m. Откако ќе се оформи деблото, се врши формирање на крошната.

При формирање на дрвореди по улиците, најчесто се користат растенија со топчеста или чадореста форма на крошната, со цел крошната да прави сенка на местата каде што се движат луѓето.
Облиците на растенијата што се добиени со нивно поткастрување се нарекуваат топијари, а техниката на поткастрување се нарекува топијарење. Обликувањето и кастрењето на дрвјата и грмушките со цел да се создадат впечатливи облици биле практикувани уште во римско време.

На тој начин се создале геометриски облици својствени за формалните градини. Растенијата што се користат со цел со нивното поткастрување да се добијат интересни облици (на пример: птици, животни, шаховски фигури и сл.), мора да бидат густи и еластични, со мали листови и голема способност за брзо обновување по извршеното поткастрување.

Особено погодни видови за формирање на топијарни форми се:
шимшир или зеленика (Buxus sempervirens);
– тиса (Taxus baccata);
лаванда (Lavandula angustifolia);
– рузмарин (Rosmarinus) и др.

Формирањето на поедноставни топијарни облици може да се врши едноставно рачно, од око, со помош на ножички за кроење жива ограда или со специјални двојни ножички чии сечила се споени со еластична рачка. Готовиот формиран облик во текот на сезоната треба да се поткаструва повеќе пати, во зависност од брзината на растење.

Друг начин на изработка на разни форми е со помош на шаблони од жица изработени според формата на растението што сакаме да ја добиеме. Трет начин на добивање поедноставни топијарени облици (конус, квадрат, полутопка) е со помош на прави бамбусови стапчиња. Спиралните облици кај чемпресот се добиваат со виткање на лента во саканиот облик. На местата под лентата се врши отсекување на гранките. Готовиот формиран облик во текот на сезоната треба да се поткаструва повеќе пати, во зависност од брзината на растење.

Loading...