Booking.com

Градот Скопје деновиве интензивно работи на обнова на зеленилото во првиот дел од Градскиот парк. Во акцијата се реконструираат тревните површини во близина на езерцето со нова хидрантска мрежа и се прават подготовки за да се постави урбана опрема и да се засадат повеќе од 200 дрвца.

– Започнавме со реконструкција на зелените површини во стариот дел од Градскиот парк. Деновиве работиме на обновување на тревната површина во близина на езерцето кај стадионот каде што опфаќаме површина од 4.400 квадратни метри. По завршувањето на овој дел, продолжуваме со реконструкција на тревната површина наспроти фонтаната „Лотосов цвет“, на влезот во Градскиот Парк, на површина од 1.900 квадрати. Во овие два дела од Градскиот парк тревата е со надмината физиолошка старост од повеќе од 40 години, поради што е неопходна реконструкција на овие тревни површини. На овие локации е предвидено да се засадат над 200 украсни грмушки и листопадни садници со кои ќе се надополни постојниот дрворед – рече градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.

Дополнително, во овој дел од паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, при што ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови, онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и нови клупи и корпи за отпадоци, а ќе се реконструираат и патеките.

– За реконструкцијата на двете парцели ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари. Во продолжение, ќе се реконструира и фонтаната „Лотосов цвет“ заедно со клупите и кантите за отпадоци на платото околу неа. Зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации – нагласи Шилегов.

ПРОЧИТАЈ: Хортикултурно уредување на зеленилото во Градски Парк во Скопје

 

Loading...