Booking.com
Ерозијата на почвата е најтежок облик на деградација на почвата. Водата или ветерот се два основни причинители на ерозијата, но човекот со неправилното користење на почвата може да ја предизвика и забрза ерозијата. 

Затревувањето, како биолошка мелиоративна мерка, се применува на терени што имаат наклон и поволни почвени и климатски услови. Затревувањето се врши со повеќегодишни тревни смески (од фамилиите на мешункастите и класестите треви).

Целта на затревувањето е да се спречи натамошна ерозија на почвата. Тоа најчесто може успешно да го замени скапото пошумување.

Освен спречување на ерозија на почвата, со затревувањето се обезбедува квалитетна храна за добитокот. Кај терените што имаат наклон до 10 степени, обработката на почвата може да се врши на целата површина. Најдобро е обработката да се врши со орање во рана пролет или во рана есен.

Обработката на почвата на терените што имаат наклон од 10 до 20 степени, пред затревувањето, се врши во вид на појаси, односно пруги, со цел да се спречи и да не се предизвика засилување на ерозијата. Ширината на појасите (пругите) и растојанието меѓу нив најчесто изнесува 5 до 10 m.
Обработката на почвата на терените што имаат поголем наклон, над 20 степени, се врши во појаси што се значително потесни, од 1 до 2 m, а необработениот простор меѓу нив е 1 до 3 m.

Каменливите и премногу стрмни терени се обработуваат рачно, во плоштатки што имаат шахматски распоред на теренот. Овој распоред е со една цел – за да можат што повеќе да ја приберат дождовната вода.

Сеидбата на семето и при целосна обработка на почвата и при обработка на почвата во појаси (пруги) може да се врши рачно. Меѓутоа, порационално е да се врши со машини-сејалки. Количеството на семето за сеење на единица површина зависи од културата, од квалитетот на семето и од неговата ’ртливост. Натамошното растење и развојот на тревните смески зависат од почвените и климатски услови.

Loading...