Booking.com

Денес не може да се замисли еден дом или работна просторија во која не се наоѓа барем една саксија со африканска темјанушка. Африканската темјанушка е убаво собно цвеќе, лесно е за одгледување и се користи како декоративно цвеќе во ентериерот.

Африканската темјанушка (Saintpaulia ionantha) потекнува од планинските области на Јужна Африка (Танзанија). Во Европа била донесена во 1893 год. Достигнува висина од 15 cm, има месести, влакнести листови со темнозелена боја, со долга лисна рачка, која расте од коренот. Цветот е соцветие, на една рачка има повеќе цветови со пет венечни листови со тиркизна боја што се прелева кон виолетова боја.
Денес има африкански темјанушки со разни бои на цветовите – бели, темноцрвени, со бели пруги, а постојат и двојни вариетети, меѓутоа изворна боја на темјанушката е виолетовата. Белата темјанушка, по некое време, на рабовите на латиците ќе почне да ја менува бојата во изворната виолетова. Со малку повеќе внимание ќе цвета речиси преку целата година, а најмногу во летниот период. Задолжително отстранете ги прецветаните цветови за да ја стимулирате да цвета што подолго.

Поради долгото цветање и нејзината убавина, таа е многу одгледувано саксиско цвеќе во нашите домови. Има плиток корен и поради тоа треба да се одгледува во плиток сад, при што листовите формираат поширока розета.
Африканската темјанушка бара умерено топло место со најниски зимски температури од 15°С. Африканската темјанушка се размножува со семе во пролет, со резници од листови кои брзо ќе се ожилат, за три до четири недели, или со делба на коренови изданоци во секој период од годината. Приближно за осум месеци темјанушката ќе процвета. Пресадете ја секоја втора година или кога ќе забележите дека листовите и се сè помали.


За своето растење бара плодна, ровкава почва и тресет. Прихранувајте ја еднаш месечно со хумусни органски ѓубрива за цветање. Исто така, треба редовно да се прихранува и со течно ѓубриво, со исклучок во зима и во периодот кога цвета. Бара сенка и доста влага во почвата. Има потреба од постојана температура на воздухот, не и одговараат директна сончева светлина и ладни провеви.
Полевањето на африканската темјанушка најдобро е да се врши со потопување на саксијата во сад со вода или да ја залевате 2 пати седмично, но не дозволувајте водата да остане во подлошката. За да и помогнете, во подлошката ставете камчиња, како не би била постојано во вода. Повеќе и одговара залевање во подлошката, и внимавајте да не и ги водените листовите. Сувите листови и цветови треба редовно да се отстрануваат заедно со рачките, со што се создаваат услови за појава на нови цветови, а наедно и се подобрува декоративниот изглед.


Совет – Ако имате темјанушка која не цветала подолго време, оставете да ја да мирува четири недели на температура од 15°С, пробајте да ја стимулирате со тоа што ќе ја залевате само еднаш неделно и скратување на периодот на осветлување. После еден месец, вратете ја на место со поголема светлина. Ова ќе поттикне развој на поголеми листови и формирање на нови цветни пупки.

Loading...