Booking.com
Идеален е за одгледување во ентериери – дневна соба или канцеларија.

Хлорофитумот (лат. Chlorophytum) или уште познат како зелен лилјан припаѓа на фам. Liliaceae. Потекнува од Јужна Африка. Името го добил поради зелената боја на убавите трајни листови. Родот го сочинуваат повеќе од 200 видови растенија. Особено е популарна „шарената“ сорта Variegatum, кај која на листовите има една или две жолтеникаво бели пруги распоредени по нивната должина.


Хлорофитумот има долги листови со светлозелена боја и со тесна, бела или бледожолта пруга. Тие се збиени во густа розета. Од розетата се развива долго, жолто цветно стебло, кое завршува со бели цветови. По завршувањето на периодот на цветање, на врвот се формираат млади розети со воздушни коренчиња. Новите розети во допир со почвата ожилуваат и на тој начин се формираат нови растенија.
Хлорофитумот се размножува во секој период од годината со новоформираните розети и со делење на кореновите изданоци. За успешен раст и развој на хлорофитумот е потребна ровка и плодна почва.
Хлорофитумот е доста отпорно растение и успева скоро во секоја просторија. Таа е еден од најголемите прочистувачи на воздухот во домот – едно растение е доволно за 10м2 површина. Омилена е кај сите почетници во одгледување на растенија, бидејќи е многу едноставна за одгледување.


При одгледување на хлорофитум, треба да обрнете особено внимание на следниве работи: при купување на хлорофитум, внимавајте на супстратот да биде умерено влажен и не смее да се исуши. Не смеете да претерате со премногу залевање бидејќи тоа може да доведе до трулеж на коренот, а листовите да ја изгубат својата интензивна боја. Залевањето се врши со обична вода од чешма, а вишокот на вода се отстранува. Од март до септември се прихранува еднаш неделно, а од октомври до февруари еднаш месечно со течно ѓубриво. Воздухот треба да биде влажен, а доколку е сув, оросувајте го растението со вода.


Видовите на хлорофитум со зелени лисја бараат малку светлина, додека пак видовите со шарени лисја бараат повеќе светлина, но не и директно сонце. Ако се држат во темна просторија, листовите ги губат белите пруги и ја добиваат својата основна зелена боја. Во лето бара посветло место, но заштитен од јако сонце.
Хлорофитумот добро поднесува широк распон на температурата. Во зима температурата во просторијата каде се одгледува може да се спушти и до 5°С, меѓутоа мора да се заштити од смрзнување. Ако го одгледувате внатре во домот или канцеларијата, температурата може да биде до 18°С.
Со оглед на тоа што хлорофитумот има брз раст, треба да го пресадувате секоја пролет во поголема саксија, во плодна иловаста почва.

Loading...