Booking.com

При изборот на луковиците треба да се внимава да се изберат здрави примероци. Ако се купуваат, треба да се провери нивното потекло, да се провери дали се оштетени или заболени.

Луковичестите растенија во периодот на растење се размножуваат со создавање на странични луковици во обвивката на матичната луковица. Кај некои видови страничните луковици се ситни и многубројни, а кај некои се покрупни и помалобројни. Формираните странични луковици треба да се одвојат и да се искористат за размножување.

Луковичестите растенија може да се размножуваат и со семе. Во тој случај, потребно е да поминат неколку години за да почнат луковиците да цветаат.

Изборот на почва за садење на луковичести растенија е во зависност од видот. Почувствителните видови луковичести растенија треба да се засадат во почва што е богата со хумус. Оние другите, сенкоподносливи видови, бараат почва со поголема влажност.

Луковичестите растенија се садат на длабочина што е 2-3 пати поголема од нивната висина и на растојание што е 2-3 пати поголемо од нивната ширина, со врвовите свртени нагоре. При распоредување на луковиците треба да се избегнува садење на правилни растојанија со цел да се постигне поприроден амбиент. Откако ќе се распоредат, луковиците треба внимателно да се покријат со почва, а притоа треба да се внимава да не се газат за да не им се оштетат врвовите.

Луковиците што се одгледуваат во садови треба да се засадат на иста длабочина како кога се одгледуваат на отворено. Како најгорен слој во садот може да се употреби фин чакал, кој ќе ја задржи влагата и ќе придонесе за поубав изглед.

Луковичестите растенија не бараат посебни одгледувачки мерки. Видовите што имаат висок раст, како, на пример, криновите или гладиолите, потребно е да се потпрат со потпирач (стап), кој се врзува блиску до стеблото. Луковиците што се одгледуваат во садови треба да се внимава да не почнат да се сушат во периодот на растење и редовно да се прихрануваат со ѓубриво што е богато со калиум за да се поттикне пообилно цветање.

По цветањето, откако листовите ќе пожолтат, луковиците треба внимателно да се извадат од почвата и да се исчистат. Овенатите листови се отстрануваат и луковиците се оставаат да се исушат. Потоа се третираат со фунгицид и се чуваат во вреќички од хартија.

 

Loading...