Booking.com

Кактусите потекнуваат од пустинските подрачја на југот на САД, Мексико и Јужна Америка, каде што сосема ретко паѓа дожд и постојат големи температурни разлики. Благодарение на градбата и приспособливоста на кактусите, тие опстојуваат во острите сушни услови во дивината, но и во домовите со централно греење, каде што многу други растенија би овенале.


Првите кактуси во Европа се донесени во времето на Кристофер Колумбо, заедно со најголемите богатства и најневообичаените растенија за европскиот континент. Кактусите уште на самиот почеток како егзотични растенија предизвикале многу голем интерес, особено кај богатите луѓе, во чии кругови било престиж да се има по некој редок примерок од овие растенија во тоа време. Според одредени записи, првата кактусова колекција била направена од страна на анонимен аптекар во Англија уште во XVI век. Поради својот изглед и многу малите потреби во поглед на одржување, големите производители ги промовираат како собни растенија кои се едноставни за одгледување и кои сè повеќе се користат во украсувањето на ентериерите кај нас.

 


На кактусите, за разлика од другите растенија, листовите им се преобразени во мали творби од кои се развиваат помали или поголеми трње, боцки, влакненца и сл. На тој начин се намалува транспирацијата и кактусите можат да живеат во жешки и сушни предели. Стеблото кај кактусите е задебелено, зелено, обвиткано со кожеста кутикула, која е обложена со восочна обвивка. По форма, стеблото може да биде топчесто, цилиндрично, триаголно, плоскато итн. Цветовите се седечки. По боја се различни, бели, жолти, црвени, со разни нијанси. По форма, цветовите кај кактусите се кружни, во форма на труба, во форма на инка и сл. Кактусите најчесто цветаат во април и мај. Иако имаат доста плитки корења, препорачливо е во овој период од годината да се пресадуваат. Некои видови кактуси цветаат сосема краток период, а некои, пак, цветаат долго и изобилуваат со цветови.

Постојат повеќе од 1.500 видови кактуси. Повеќето видови кактуси имаат кратки корења и затоа може да се одгледуваат во садови. Широките плитки садови се одличен избор за кактусите што ползат и за ниските кактуси, а висечките кошници се погодни за виткавите, висечки видови кактуси. Особено интересни и креативни комбинации од кактуси може да се направат во стаклени садови, со засадување на кактуси со различна големина и изглед. При тоа е пожелно да се комбинираат кактуси со слични потреби за светлина и температура за нивното одгледување да биде што поедноставно.

Освен во стаклени садови, интересни композиции од кактуси може да се создадат во пластични или во глинени садови. Садовите на дното треба да имаат повеќе отвори со цел вишокот вода побрзо да истекува. На дното на садот треба да се стави слој од пропустлив материјал (чакал или камчиња), а потоа доаѓа слојот од компост. За да се добие поприроден ефект, во садот може да се додадат и украсни парчиња од помали или поголеми камчиња.


СОВЕТ: Особено внимание треба да се обрне при одгледувањето на кактусите. Поради нивните остри боцки и трње, кои можат да предизвикаат повреди, потребно е да се носат кожени ракавици, а при пресадувањето, кактусите треба да се завиткаат со лист хартија.

Loading...