Booking.com

Нарцис (лат. Narcissus) е род од фамилијата на кокичиња. Обединува 60 вида кои потекнуваат од умерените региони на Средна и Западна Европа, Западна Азија и Северна Африка. Во Македонија е познат и под името „штрково цвеќе“. Спаѓа во групата на луковичести растенија. Многу видови од овој род се ценети од одамна и се одгледуваат како украсни растенија. Создадени се над 12 000 култивирани сорти со сложено хибридно потекло.

hortikultura.mk_narcis_2
Различните видови цветаат од март до мај и достигнуваат од 20 до 60 cm во височина. Како и останатите луковичести растенија, и нарцисот се размножува преку стари и нови луковици, кои треба да се садат во текот на есента на длабочина од 10 – 15 cm. Сака сонце или полусенка и вирее на секаква градинарска почва.
Нарцисите претпочитаат сончеви или малку засенети места. Не поднесуваат варовникови и заблатени почви – идеално се развиваат на ровка песочно-глинеста почва, наѓубрена со прегорено шталско ѓубре. Растенијата имаат потреба од обилно полевање без задржување на вода во почвата, особено по цветањето, бидејќи тогаш во луковицата се зародува новиот цвет.

hortikultura.mk_narcis_3
Садењето на луковиците треба да се одвива во втората половина на септември до почетокот на октомври, бидејќи тогаш е период на разлистување по летното мирување, и под површината на почвата започнува да расте новиот летораст. Со настапувањето на негативните температури, растењето запира и се обновува рано напролет. По цветањето во април – мај, лисјата се зачувуваат уште некое време, фотосинтетизираат, собираат резервни хранливи материи во лушпите на луковицата. Во јуни лисјата се сушат, корените исто така и растенијата влегуваат во период на мирување.

hortikultura.mk_narcis_4
Првото ѓубрење со вештачки ѓубрива се прави кога настапува вегетацијата, второто при појавата на цветоносното стебло и третото на крајот на цветањето. На почетокот поинтензивно се користи азотното ѓубре, а потоа калиумовото и фосфорното. Полевањето во текот на вегетативниот период помага за зголемување на цветоносното стебло, го продолжува периодот на цветање и образувањето на покрупни луковици.
Нарцисите лесно се размножуваат со одделување на новите луковички кои процветуваат во втората, третата година. Луковичките се одделуваат од мајчината луковица во втората половина на летото; на крајот на летото поголемите се засадуваат подлабоко, а малите поплитко.
За разлика од лалето и зумбулот, нарцисите можат да останат до 5 години на едно исто место, без тоа да се одрази на цветањето и развитокот.

hortikultura.mk_narcis_5

Loading...