Booking.com
Haworthia attenuata е сукулент со прошарани зелени листови со бели линии и поради тоа меѓу народот е познат како зебра растение. Води потекло од Јужна Африка. Многу е сличен со Haworthia fasciata, кој исто така меѓу народот е познат како зебра растение.

Сепак, Haworthia attenuata се разликува од H.fasciata по белите израстоци (во вид на линии), кои се јавуваат на горните и на долните страни од лисјата (H.fasciata има израстоци само на долната страна, со мазна горна површина на лисјата). Фундаментална разлика е во тоа што листовите на H.attenuata не се фиброзни. Покрај тоа, често листовите на H.attenuata (иако не секогаш) се подолги, потенки. Некаде овие два сукуленти може да се сретнат и како синоними еден на друг.

Достигнува висина до 15 см, а дијаметар 8-15 см. Овој сукулент е многу едноставен за одгледување. Бара редовно полевање, со напомена дека не треба да се полева повторно додека супстратот не се исуши. Во зима не е активен и бара многу малку вода. Ако во тој период се чува во ладна просторија може и воопшто да не се полева.

Минимална температура на која може да се чува е 5°C, но во во пократок временски интервал може да толерира и температури и до -5°C. Се одгледува на места во блага сенка. Изложеност на директно сонце (особено во лето околу пладне) доведува до промена на бојата на листовите од зелена во црвено/кафеава боја.
Од април до септември го потхранувате со течно ѓубриво за сукуленти (еднаш во месецот). Во зимскиот период не бара потхранување.

Овој сукулент преферира почва со адекватна дренажа, како што е кактус микс супстрат или мешавина од песок и почва за садење. Цветовите имаат бело-зеленкаста боја, а цвета во ноември и декември.

Се размножува со семе и израстоци, односно се размножува на ист начин како Алое. Се засекува дел од листот и се чека неколку дена за да заздрави раната пред да го засадете (нека се исуши). Еднаш ја залевате почвата со вода и чекате мал знак за нов раст (не треба да дозволите прекумерно наводнување).

Пресадувањето се врши во текот на пролетта. Само го пресадувате во поголема саксија. На секои две години ја менувате почвата, дури и ако не е потребно пресадување. Постојат неколку видови на Haworthia attenuata, а попознати се: H.attenuata ‘Wide Zebra’, H.attenuata var. radula и H.attenuata var. variegata.

ПРОЧИТАЈ:  Sedum | Сукулентно растение за почетници
ПРОЧИТАЈ: Crassula capitella – Најубавиот и најфасцинантен сукулент

 

Loading...