Booking.com

Зошто велиме дека седумот (лат. Sedum) е растение за почетници? Тој спаѓа во групата на растенија кои не бараат некои посебни услови за одгледување. Името „sedum“ потекнува од латинскиот збор „sedere“, што значи смирува, бидејќи листовите на седумот понекогаш се користат и како мелем за повреди.
Растенијата од родот Sedum се најодгледувани сукуленти во Македонија. Родот опфаќа околу 200 вида, кои потекнуваат  од умерените области на Северна и Централна Америка.Ова зелјесто растение, може да има исправено и ползечко стебло со висина од 20 до 40 cm. Расте во форма на густ баз.

Нега – Расте на сончеви места, на обработена почва, меѓутоа толерираат и полусенка. Најдобро е кога ќе се измеша градинарска почва, песок и глинеста почва. Во своите листови ја складираат водата, па поради тоа добро ги поднесуваат и сушните периоди. Не треба да ги залевате премногу со вода, за да не дојде до трулење на растението. Успева и на сиромашни почви (не толку плодни почви).

Видови на седум – Ова се растенија кои растат доста брзо, а со самото тоа и брзо се шират, па спаѓаат во групата на најомилени покривачи на почвата. Висината на растението се движи од 5-50 см. Тие се доста интересни поради фактот што нивните цветови привлекуваат пеперутки, поради различните нијанси и бои. Кај седумите особено е декоративен листот, меѓутоа цветот може да трае од 5-6 недели, така што со тоа добива уште поголема декоративност.

Цвета во периодот од февруари до октомври. Цветовите се различни по боја: бели, жолти до црвени, имаат пет венечни ливчиња и се собрани во соцветие.
Сега ќе ви наведеме неколку најпознати видови на седум кои се најраспространети кај нас: Sedum rupestre blue, Sedum alboroseum mediovariegatum, Sedum acre „Aurea“, Sedum pachyclados, Sedum „Angelina“, Sedum album и многу други.

Садење – Седумот се користи како покривач на почвата и за комбинација со други видови. Од нив можат да се направат разнобојни цветни теписи. Доколку сакате да постигнете таков ефект во градината, тогаш садете ги во групи на растојание од 25-30 см.

Најдобра комбинација се постигнува со Sempervivum или познат како „Чувар на куќата“, бидејќи се сродни растенија.

Исто така, седумите се користат за садење на проблематични и понедостапни места – земјиште помеѓу патеки и камења. Идеални се за садење во камењари, цветни леи, ивичњаци. Се садат околу дрвја, жива ограда, меѓутоа можат да се садат и како позадина на пониски растенија. Најбитно е да се садат во групи, бидејќи ако се садат како единечно растение, нема да може да се постигне саканиот ефект на поголема површина. Може да се садат во саксија и да се постават на тераса или балкон. Најприкладни се керамичките саксии со кои ќе се збогати и разубави вашиот екстериер.

Треба да се потенцира и дека во зимскиот период, одредени видови на седуми ги губат своите надземни делови (тој дел ќе се исуши), па на пролет од корен ќе изникне ново растение.

Размножување – Се размножува со резници преку целата година или со делење на корените (бокорот) во периодот на мирување.

Хортикултурно значење – Седумот денес многу се користи во хортикултурата бидејќи издржува суша. Се сади во цветни групи, за украсување на  ѕидови, градини со камења и на скалести терени. Исто така, се одгледува и како собно цвеќе, кое во летниот период се изнесува на тераса или се поставува во градината.

Loading...