Booking.com

Семпервивумот спаѓа во групата на сукуленти. Кај нас е познат и како „Чувар на куќата“. Името Sempеrvivum доаѓа од латинскиот збор „semper“ – секогаш и „vivus“ – жив или во превод значи засекогаш жив. Името „чувар на куќата“ го има добиено заради тоа што ја штити куќата од зли духови, вештерки, клетви…
Постојат неколку илјади на вариетети од ова растение, а според некои податоци над 2000. Ги има во сите нијанси, па дури и такви со влакнести листови, а на краевите бодликави.

Секоја розета од растението годишно произведува неколку нови растенија, кое се вкоренуваат многу лесно. Со текот навремето, оние постарите ќе цветаат после 2-4 години, а после тоа розетата која цветала изумира, додека зад себе остава поголема група на млади растенија.
Цветот е ѕвездаст и се наоѓа на цветна дршка формирана од листови, на висина од 20-30 см. Цветот има различни бои – розе, виолетова, жолта, крем и бела боја. Се шири низ сите планински венци низ Европа, а оттаму се шири низ цел свет. Денес, претежно се одгледува како саксиско растение. Одлично успева и на отворено, каде може да се искористи како „покривач“ на почвата.

Како се одгледува?

Семпервивумот е најотпорен вид меѓу сукулентите. Освен во саксија, овој сукулент може да расте на камења, ѕидови, покриви и слично и многу лесно се одржува. Се одгледува во супстрат со добра дренажа, на места изложени на директно сонце (но само до 38°C, при повисоки температури може да дојде до негово оштетување) или во блага сенка. Одлично поднесува сушни периоди, студена зима и ладна почва и бара умерено полевање. Во зима не преферира влажен супстрат, се полева само колку да не се исуши. Толерира ниски температури најмалку до -12°C, но во пократки временски интервали може да издржи и многу пониски.

Многу е битно да им се обезбеди сончева позиција во поголем дел од денот. Во текот на летото, некои видови ја менуваат својата боја во црвенкаста, доколку се изложени на директно сонце. Во летниот период, кога има недостиг на дождови, растението моеже да се залие со помала количина на вода. Многу е битно, во текот на целата година да биде на отворено. Доколку во зимскиот период е изложен на ладно или топло, ќе дојде до деформирање на растението и издолжување на листовите.

Многу често може да се види по покривите на куќите (кровни градини), што е доволен доказ во какви сурови услови може да расте, да цвета и да се размножува. Се размножува преку изданоци, односно со нови розети кои растението ги исфрла секоја година, додека не изумре после цветањето. Исто така, се размножува и со семе, меѓутоа овој начин ретко се употребува бидејќи е доста комплициран.
Еден од најпознатите видови е Sempervivum tectorum кој е најраспространетиот и најпопуларниот од сукулентите кои се познати под името “Чувар на куќата“. Бидејќи е отпорен на студ, „чуварот на куќата“ е неодминлив декор во дворови, тераси, фонтани и слично. Се верува дека Чуварот на куќа штити од громови, болести и вештерки. Поради тоа порано, а на некои места и сеуште може да се види како расте на покривите од куќите.

Loading...