Booking.com

Араукаријата (лат. Araucaria araucana) е вид на четинар кој води потекло од Чиле и може да достигне висина до 20 метри, а ширина до 7 метри. Кај нас е познат под името чилеански бор, иако не е вистински бор, а познат е и под името мајмунско дрво (според англискиот назив Monkey Puzzle tree). Најспецифично за ова дрво е што може да живее и до илјада години.


Овој вид на араукарија има широко конусна крошна и хоризонтални гранки, а пониските гранки благо висат до почвата. Зимзелените листови се светло-зелени, цврсти, во облик на лсит од ананас и долги 3-4 см. Машките и женските цветови се раздвоени и се јавуваат на поединечни растенија. Машките цветови растат во група, а женските одвоено.
Чилеанскиот бор се размножува генеративно, т.е со семе кое е најдобро да се набави директно од Чиле. Тоа семе има поминато и стратификација. Друг начин на размножување е со купување на пресадници од гарден центар. Треба да се прихранува на секои 2-3 години на пролет, а при садење треба да се измеша и органско ѓубриво во почвата за да се подобри структурата на истата.


Многу добро поднесува салинизација, но не и голема загаденост (како што е случајот во градските средини). Најдобро успева на сончеви до полусеновити позиции, подрачја со многу дожд и на температури до -20°C. Бара добро дренирана почва.
Араукаријата е популарен украсен вид кој се одгледува и поради својот хабитус и темнозелена боја на крошната, а симетричниот облик му дава посебна хортикултурна вредност. Се одгледува скоро во сите ботанички градини во Европа и Северна Америка, а често и во приватните градини. Најчесто доаѓа до израз доколку се сади како солитер.

Loading...