Booking.com

Орхидеите растат скоро насекаде низ светот, освен во пустините и на Арктикот. Познати се околу 1000 родови и 15.000 видови на орхидеи. Кај нас најпознати се два типа на орхидеи: родот Cymbidium и родот Phalаenopsis.

Видовите на орхидеи од овие два рода имаат нешто заедничко – бараат влажност и светлина. Првите се чуваат во темни садови на пониска температура (околу 10°С), а вторите во проѕирни садови (затоа што и на корените им е потребна светлина), на повисока температура (околу 18°С). Откако ќе прецветаат се пресекува (дијагонално) гранчето на кое цветале, но не долу, туку веднаш после последниот цвет односно пред членчето. Секој член/јазол е пoтенцијална нова цветна гранка.
Здрави орхидеи, израснати во идеални услови (собна температура не помала од 16-17°C) треба да цветаат цели осум недели, по што цветот полека ќе почне природно да си паѓа од надолу па нагоре. Орхидеите во идеални услови цветаат до 3 пати во годината.

Орхидеите се посложени за одржување и попребирливи за разлика од другите видови на цвеќиња. Сакаат светлина и влага (како и сите тропски растенија), идеална местоположба им е каде нема промаја и претпочитаат само мека вода (бескарбонатна). Бараат филтрирана светлина, а не директна сончева светлина. Никогаш не ги потсекувајте корените кои излегуваат од саксијата надвор и не вадете ги од оригиналнте пластични саксии во кои се насадени.
Ако водата што ја користите е тврда тогаш најдобро би било да користете претходно изладена превриена вода. Најдобрата вода за наводнување на орхидеите е дождовницата. Дождовницата, како што поминува низ воздухот, раствора и апсорбира многу супстанции како што се прашина, полен и други органски материи. Оваа збогатена дождовница придонесува и за исхрана на растението.
Битен фактор при одгледување на орхидејата е температурата на водата. Ако температурата на водата и температурата на околината се еднакви, нема да настанат посериозни штети. Доколку користите премногу студена вода, може да настане долгорочно оштетување.
Постојат неколку постапки на наводнување:
1. Се потопува цела тегла во вода и се остава супстратот да ја впие водата (минимум 1 минута – максимум 3 часа);
2. Се вади од водата и се остава да се исцеди вишокот на вода;
3. Постапката се повторува после 7 дена или кога супстратот ќе се исуши.

Секогаш треба да ги наводнувате рано наутро за да можат да се исушат во текот на ноќта. При секое потопло време, потребно е да се наводнува и во попладневните часови. Растението треба да биде потполно суво после 2 часа од наводнувањето.

Во принцип, се наводнува еднаш неделно во текот на зимата и два пати неделно, кога времето е премногу топло и суво. Големината на садот за орхидеи исто така помага да се одреди колку често ви треба вода, без оглед на климатските услови. Типично, на 6-инчен сад има потреба од вода на секои 7 дена и 4-инчен сад вода на секои 5-6 дена.

За да обезбедите поголема влажност во просторот може да ги поставите на сад полн со каменчиња прелиени со вода. Испарувањето на водата ќе ја обезбеди потребната влажност на воздухот. Или пак можете да ги чувате во повлажни простории (кујна или бања).
Во периодот на цветање, орхидеите не се потхрануваат. Најдобро е да ги потхранувате на секои 3 недели во периодот од пролет до есен, со течно ѓубриво измешано во водата за полевање. За време на зимскиот период на орхидеите им е потребен одмор, затоа потхранувајте ги поретко.

Орхидеите се одгледуваат како украсно цвеќе, освен видовите на орхидеја од родот Vanilla (на пример Vanilla planifolia). Исто така, орхидеите се познати прочистивачи на воздухот.

ПРОЧИТАЈ:  ОРХИДЕЈА – ЉУБОВ И РОМАНСА
ПРОЧИТАЈ:  Мини собни растенија за поубав дом

 

Loading...