Booking.com

Каменот ги поврзува во една целина екстериерот и ентериерот. Неговата употреба го збогатува просторот, со обликување и дефинирање на ентериерни или екстериерните компоненти. Примената на каменот во екстериерот најмногу се однесува на градење со камен, обложување на фасадите, изработка на огради, скали, тераси итн. Посебно се интересни купатилата кои се декорирани со камен, а истите можат да бидат вистинска спа оаза. Каменот е многу издржлив, траен, квалитетен и трендовски. Поради неговите извонредни квалитети и трајност и денес сме сведоци за величествените архитектонски градби.
Каменот најчесто се употребува за подни и ѕидни површини, за изработка на камини, мебел во комбинација со камен. Убавината на каменот во ентериерот уште повеќе доаѓа до израз во негова комбинација со останатите материјали – дрво, стакло или метал.

Каков камен ќе изберете, најмногу зависи од условите кои по неговото поставување ќе влијаат на него, односно на неговата трајност и на естетските квалитети.
Постојат неколку типови на природен камен, кој најчесто се користи во ентериери и екстериери: гранит, травертин, мермер, оникс, порфир, песочник…

Гранитот е најчесто користен камен. Потврд е и поотпорен од варовничкиот камен и од мермерот, па затоа е поприфатлив за поплочување на просторите со голема фреквенција на сообраќај. Гранитот се користи за поплочување на внатрешни и надворешни простори, изведба на столбови, облоги, фасади, а се негова правилна комбинација на различни облици и бои, може да се добијат неограничен број на мотиви на поплочените подови од гранит.

Травертинот се препознава по ситните дупчиња кои заземаат поголем дел од волуменот на каменот. Поради добрите изолациски (топлински и акустични) својства се употребува за обложување на фасади и внатрешни ѕидови. Повеќето травертини се со светли бои (песочни до жолто-кафени), но можат да бидат и потемни (црвени, кафеави).

Мермерот е помек, со послаба отпорност од гранитот, па затоа е понесоодветен за надворешна употреба. Затоа пак, исклучително е погоден за изработка на внатрешни подови, полици, облоги и разни масивни декоративни елементи (столбови, камини, садови). Мермерот е најкористен во купатила, во сите бои и варијанти. Мермерите посебно се ценети поради нивната убавина и сјај, а се одликуваат и со широка палета на мотиви.

Ониксот се употребува во внатрешноста на кујната, а се користи и за поправки на подови, чекори на скали, како и за производство на разни производи – кујнски столбови, работни површини и прозорци. Бојата на ониксот е зелена, со темни и светли нијанси.

Порфирот, заедно со кварцитот, го вбројуваме во потврди видови на камен. Се одликуваат со голема отпорност на абење и надворешни временски влијанија, па затоа се користат за поплочување на надворешни површини. За нив карактеристични тонови се сиво-зелените, црвено-кафените, а поретко жолто-кафените и розевите.

Песочниците се разликуваат според видот на карпите од кои потекнуваат (кремени, варовнички, доломитски, лапорести и глинести), па затоа имаат и различна отпорност на абење и надворешни влијанија. Повеќето имаат зрнеста или песочна структура, а бојата им е светлосива, сиво-зелена, жолто-кафена, па и розева. Поради нивната постојаност се употребуваат и во внатрешни и надворешни простори.

Примената на каменот во затворен простор, кој не е изложен на агресивни надворешни влијанија, нуди многу поголема слобода при изборот на посакуваниот тип на камен.

Loading...