Овој вид на цвеќе води потекло од умерените и северните области на северната хемисфера. Кај нас е позната под името јаглика или петопрст. Ботаничкото име на јагликата – примула, доаѓа од латинскиот збор “primus”, која значи прв, ран и е поврзан со појавата на цветот уште во самиот почеток на пролетта. Во умерените појаси и во алпскиот појас во целиот свет се среќаваат повеќе од 600 видови јаглика. Најмногу се тие во Европа и Средна Азија. На пазарот растенијата се нудат со името Primula, при што се занемарува традиционалното македонско име јаглика. Тоа доведува до недоразбирање и многумина мислат дека станува збор за различни цвеќиња.
За време на вегетацијата треба малку да се полива, почвата не смее да се пресуши, а вишокот на влага може да биде штетно. Се прихранува 1 седмично наизменично со растворливи ѓубрива НПК.
Се размножува со семе на пролет или делење на бокорот кон крајот на летото. Расте во полусенка, на кисела, наѓубрена, добро дренирана почва. Цвета рано на пролет. Ако редовно се залева и на секои 14 дена се прихранува со течно ѓубриво, ќе цвета неколку месеци.
Кога ќе ја купувате внимавајте да има здрави зелени листови без кафени дамки и многу цветни пупки. Некои од нив може да ги чувате дома, а некои во градината или на балкон. Овенатите цветови треба да ги искинете заедно со стебленцето со што ќе го продолжите времето на цветање. Кога ќе престане да цвета, може да ја посадите во градината па ќе ве израдува следната пролет кога ќе процвета. Во саксијата тешко ќе презими и ќе ја дочека пролетта, но во градината ќе успее да ја дочека пролетта, особено ако ја покриете со суви листови и гранчиња пред да дојдат студените зимски денови.
Се употребува за обрабување, во цветни леи и во други цветни оформувања, но и како саксиско цвеќе. Треба да се внимава да не се одгледуваат во премногу топли простории и изложени на директно сонце. Најпознати видови се Primula obconica, P. malacoides и P. chinensis.