Booking.com

Луѓето отсекогаш и се восхитуваат, така што станала симбол со различни значења – на женската убавина, страста, љубовта, верноста, младоста, бесмртноста, духовната моќ…

Титулата ја носи уште откако почнале да се одгледуваат цвеќиња, без опасност некој конкурент да се осмели да претендира на престолот. Согласни се и професионалните одгледувачи, денешната хортикултура и милионите обожаватели – розата е неприкосновена кралица на цветовите.
Античките Грци ја сметале за подарок на боговите и ја одгледувале како и ние денес, како најубав украс на градината.
Поради убавите бои, елеганцијата и долготрајното цветање (околу 200 дена во годината) розата со право ја нарекуваат кралица на цвеќето и секој вистински вљубеник во природата треба да ја има во својот двор или на терасата.

hortikultura.mk_ruza_2

hortikultura.mk_ruza_3

Розата е позната уште и како ружа или трендафил. Латинското име на кралицата на цвеќето е rоѕае, што значи роза или од грчкиот збор rhodon – роза. Грчкиот остров Родос своето име го добил токму по розите, бидејќи розите оттаму биле праќани на римскиот двор за украсување при разни свечености. Пролетта е најпогодно време за садење на розите, меѓутоа овој период е многу кус бидејќи розите рано се будат од зимскиот сон и веднаш развиваат лисни и цветни папки, а кога се во таа фаза веќе не е препорачливо нивно садење.
Веднаш по засадувањето треба да се загрнат со земја така што од гранчињата треба да се гледаат само 5-10 сантиметри. По 21 ден треба да се разгрнат и да се негуваат како и постарите рози. За розите кои се во контејнер не важи ова правило. Тие може да се садат во текот на целата вегетација.

hortikultura.mk_ruza_4

hortikultura.mk_ruza_5

Доколку розата веќе ја имате во својот двор, раната пролет е времето кога треба да се позанимавате со овие убавици. Ако наесен розите се нагрнат со земја, како што најчесто се прави, розите сега треба да се разгрнат, а потоа со остри градинарски ножици се кастрат сите суви и скршени гранчиња како и старите и дебели гранки, додека преостанатите треба да се покројат на 4 до 5 окца, т.е. на висина од 30-35 сантиметри. Розите – ползачи не се кастрат, туку само се потсекуваат оние гранки кои се стари или пречат.
Веднаш по кроењето е пожелно околу секој бокор (корен) да се стави прегорено шталско ѓубре или една до две лопати тресет како и минерално ѓубре специјално наменето за розите. По првото цветање повторно би требало да се додаде минерално ѓубре, а потоа на секои 15 дена сè до седмиот месец. Доколку не најдете специјално минерално ѓубре за рози, можете да искористите и некое друго кое содржи азот, фосфор и калиум во размер 15х15х15 или 10х15х15. Се става секогаш околу бокорот, никако директно на корен или на лисјата, бидејќи ќе изгорат. Доколку е сушна пролет, треба обилно да се полеваат.

hortikultura.mk_ruza_6
Розите се размножуваат со калемење, но на аматерите им се препорачува размножување со резници или пелцери. Размножување на розите со резници може да се направи веднаш по првото цутење или во текот на есента. Доколку не сте од оние среќници што имаат двор, розата може да ја засадите и на тераса, но само доколку вашата тераса е на сончевата страна бидејќи розите се растенија кои не виреат без сонце и светлина.
И за крај, најубавиот дел од работата е сечење на цветовите за во вазна. И за оваа постапка постои правило – розата се сече со остри градинарски ножици доцна навечер или рано наутро, секогаш со кос рез. Исечените цветови веднаш се ставаат во вазна.
Денес се селектирани стотици различни видови и илјадници нијанси бои. Постојат национални и меѓународни здруженија на одгледувачи, натпревари и награди, во оптек е цела индустрија. Ги има џуџести и џиновски, растат како грмушки, дрвја или ползавци, цветовите се без и со мирис. Тоа е резултат на огромната популарност што кралицата на цветовите ја ужива со милениуми.

Кој би останал рамнодушен на нејзиниот раскошен изглед !!!

hortikultura.mk_ruza_7

hortikultura.mk_ruza_8

Loading...