Кровните градини можат да заштедат многу енергија. Најприменливи се на преработувачките капацитети како што се ладилници, сушари, фарми, млекарници. Но, формирањето на зелен покрив, може да биде еден вид оаза за уживање на сопствениците и нивните клиенти…
Зелените покриви не се резервирани само за метрополите, бидејќи глобалното затоплување и екстремните температури не разликуваат град и село. За руралните средини, зелените покриви се повеќе или помалку несоодветни, поради методот на изградба, бидејќи класичната архитектура на станбени објекти не дозволува таков тип на инсталации.
Меѓутоа, во селата, се градат преработувачки и индустриски објекти, како што се ладилници, сушари или фарми, кои имаат само плоча и се најпогодни за кровни градини, кои имаат двојна улога – функционална и естетска.
Ладилници и фарми
Зелените покриви се препорачуваат првенствено како добри изолатори и поради способноста да се ублажат екстремните временски услови. На пример, летните температури на стандардни покриви може да достигнат до 65°С, а зелените покриви можат да ги изладат од 15-17°С.
Кога се споредува ефикасноста на зелениот покрив со ефектот на дрворедите во градските средини, тогаш доаѓаме до заклучок дека зелените покриви ја намалуваат потрошувачката на енергија за ладење или загревање на просториите, бидејќи тие се вид на изолатори. Ова е многу важен елемент за преработувачите на овошје и зеленчук, кои мора да го пресметаат и овој трошок во крајната цена на нивните производи.
При формирање на зелени кровови, важно е да се знаат неколку основни правила за добра изработка на дренажен слој и изолација, така што штетата би била помала. Постојат три вида на зелени покриви.
Екстензивни зелени покриви
На екстензивните зелени покриви се формира полесна вегетација која бара минимално одржување и се состои од три слоја: слој кој овозможува раст на вегетацијата, филтрирање и дренажен слој. Филтерот се поставува помеѓу супстратот и дренажниот слој. Неговата улога е да се задржат фините честички од сусптратот и на тој начин сте сигурни дека дренажниот систем ќе си ја изврши квалитетно својата функција.
На овој тип на зелен покрив, главно се садат седуми (лат. Sedum). Дебелината на супстратот е околу 6 cm и бара минимално одржување. Потребно е редовно отстранување на плевелите (плевење) и ѓубрење на супстратот, сè додека вегетацијата не ја покрие површината на кровот во целост. После тоа, екстензивниот покрив се одржава два пати годишно – во пролет и во есен.
Полуинтензивен тип на зелен покрив
Овој вид на зелен покрив подразбира засадување на растенија чија висина се движи од 25-50 cm, главно од фамилијата на седуми со среден раст и трски. Длабочината на супстратот е околу 20 сантиметри. Одржувањето е комбинација од екстензивен и интензивен тип на зелен покрив – два до три пати годишно нега на растенија.
Интензивен тип – функционалност и уживање
Интензивниот тип на кровна градина е како и секоја друга зелена површина во природата. Тие се посложени за изградба и одржување, но даваат и ефект на уживање. На овој тип на зелен покрив се садат растенија со големина од половина метар до четири метри и украсни треви. Длабочината на супстратот е околу 50 cm. Кога вегетацискиот слој е доволно длабок, како во овој случај, условите за раст на растенијата на покривот се толку добри колку што се и во природната средина. На тој начин може да се формира мал парк, а доколку површината е доволно голема, тоа може да биде идеално место за одмор. Одржувањето на растенијата е исто како што се врши одржување и во било кој парк – плевење, ѓубрење и наводнување.
Оние кои сеуште се скептични кон зелените покриви и се плашат од прокиснување, протекување или влага, можат на својот рамен покрив да формираат градина во жардиниери и на тој начин да ги почувствуваат позитивните страни на овој тип на градини.
ПРОЧИТАЈ: Како се проектираат и изведуваат зелени кровови или кровни градини?
ПРОЧИТАЈ: Кровните градини како вистинска урбанистичка оаза
ПРОЧИТАЈ: Cocoon – модуларна монтажна викендица со кровна градина