Booking.com

Цинераријата (лат. Senecio cruentis) е повеќегодишно декоративно растение, меѓутоа кај нас се одгледува и како едногодишно. Води потекло од Тенерифе на Канарските острови, каде е саморастечка и расте на места каде нема мраз. Спаѓа во групата на поевтини цвеќиња, а кај нас се одгледува како собно растение. Листовите се доста големи и зелени, а поради сувиот воздух многу често ги напаѓаат лисни вошки, па поради тоа треба редовно прскање со инсектицид. Доколку се случи да ја нападнат, тогаш листовите треба да се пребришат со мешавина/раствор од помек сапун (10 гр.) и малку алкохол (20 гр.) во литар вода.

Цвета рано во пролет, а кога ќе процвета, се отвараат голем број на цветови во прекрасни интензивни бои – бела, виолетова, црвена, светло-сина и сина. Исто така, тие можат да бидат и нијансирани, а во средината на цветот да се претопат во бело. Висината на растението се движи од 20 до 60cm. Кога ќе прецвета, тогаш треба да се фрли. Може и да се спаси, меѓутоа не е исплатливо, со оглед на нејзината ниска цена, па можете да си купете нова цинерарија.

Се чува на место со многу светлина, но не на директно сонце. Најдобро е да биде на северната или источната страна.
Земјата треба редовно да се одржува влажна, бидејќи ако се исуши коренот тогаш ќе се скрати и времето на цветање. Вишокот на вода во подлошката на саксијата треба да се одлие. Може да ја прихранувате на секои една до две недели со течно ѓубриво за растенија кои цветаат.
Се размножува со семе кое се сее во јули или август во земја за ‘ртење или песковит компост и за 14-20 дена ќе проникнат, а за 16-18 недели ќе процвета. Штом ќе изникне, се пикира и се пресадува двапати до трипати пред цветање. Во есен се внесува во поладна соба каде нема да измрзне. Никако не поднесува промаја и сув воздух. Во текот на зимата обожава температура околу 5°С – во премногу ладна соба ќе пропадне, а во топла соба со редовно залевање ќе процвета.

Се размножува и со резници во доцна пролет. Се забодува еден здрав лист во земја. Постои и друг начин, каде на одрежаниот лист се сечат врвот и нерамнините од страна. После таа постапка, се разрежува на повеќе делови, така да секој дел од листот има и дел од главната лисна жила. Се забодува секој дел во земја со страната која била поблиску до стебленцето. Се чува на топло и се одржува влажноста, за да може да пораснат нови листови.

Loading...