Формирање и одржување на жива ограда
Ако се одлучете за садење на жива ограда, тогаш треба да знаете дека тоа се контејнерски садници, во саксии и истите можете да ги садете преку целата година. Секако, избегнувајте го летниот период. Садниците се садат праволиниски на еднакво растојание. Живата ограда може да биде едноредна или дворедна. Дворедната се сади во наизменичен триаголен распоред. Колкаво ќе биде тоа растојание, зависи од видот на жива ограда кој ќе го изберете. Можете да се определите за листопаден, зимзелен или четинарски вид на жива ограда. Таа се сади во дупки или ров, со длабочина од 40 до 60 см. Кога ќе го посадите растението, потребно е редовно да го залевате и окопувате првите две години. За да изгледа убаво, живата ограда мора редовно да ја поткаструвате (стрижете).

Поткастрување на живата ограда
Најчесто, поткаструвањето на живата ограда се врши 2-3 пати годишно во текот на сезоната (мај, септември и по потреба во ноември). Но, не мора баш конкретно да се придржувате на овие правила. Доволно е живата ограда да биде со ширина од 60 см, а висината сами си ја одредувате. Внимавајте да има конусен облик – тоа значи да е поширока во основата, отколку на врвот. Додека се млади, садниците на жива ограда се поткаструваат механички со макази. Покасно, можете да користите и моторни макази. Поткастрените делови од растението можете да ги искористите и како резници.
Четинарите не се поткаструваат на ист начин како грмушките. Кај нив, во никој случај не се кастри главната гранка, туку се кратат (шишаат) страничните гранки кои го нарушуваат убавиот изглед на растението. Кога главната гранка ќе ја достигне бараната висина, тогаш се отсекува нејзиниот врв.




