Магнолија (лат. Magnolia) е назив на родот дрвенести растенија од истоимената фамилија Magnoliaceae. Претставници на овој род се дрвја или жбунови. Родот магнолија има околу 210 видови листопадни и зимзелени дрвја и грмушки, распространети во Источна Азија (листопадни видови) и атлантскиот дел на Северна Америка (зимзелени видови). Многу видови се одгледуваат како украсно парковско дрво (Magnolia liliflora, Magnolia grandiflora).
Родот го добил името по францускиот ботаничар Pierre Magnol (1638—1715).
Magnolia liliiflora (кинеска магнолија или пурпурна магнолија) претставува листопадна грмушка или помало дрвце, со висина до 4 метри.
Цветовите се поединечни, ѕвонолики како лилјанот, пурпурни од надворешната страна, а во внатрешноста се претежно бели, долги околу 10 см. Цвета во април, мај и јуни, а поединечни цветови понекогаш се јавуваат и во лето и есен. Се размножува со семе, резници и калемење. Бара свежа, длабока и добро дренирана почва. Кратко може да издржи на температура до -18 (-20)ºC. Поради високо орнаменталните својства, оваа магнолија се сместува во редот на најубави украсни видови од овој род.
Посадете магнолија во вашиот двор и препуштете се на вашите сетила кои во целост ќе го впијат „пурпурниот мирис“ на оваа украсна грмушка…




