Недостатокот на дворна површина не ве ограничува да подигнете зеленило или да ги одржувате растенијата на вашиот балкон. Балконските градини може да бидат интимно место, лесно за одржување и многу корисно.
Сопствениците на куќи секогаш се нестрпливи пред почетокот на топлото време, за да може да уживаат во своето зеленило и во одржувањето на дворовите. Меѓутоа, станарите на зградите се доста ограничени, односно не се во можност да ги почувствуваат истите погодности на нивните балкони и заеднички тераси. Со внимателно планирање, малиот простор може да се претвори во зелена оаза со колоритни бои.


Позицијата и ориентацијата на балконот често пати го одредува распоредот на елементите при самото планирање. Количината на достапна светлина ќе ја одредува позицијата на различни видови на растенија во зависност од нивните потреби. Сончевите делови може да се исполнат со медитерански видови чии живописни бои бараат директна светлина и топлина. Исто така, во просторот може да се уредат и ѕидовите со вертикално поставување на декоративни саксии.
Изборот на балконски мебел зависи од самата идеја за начинот на користење на просторот. Доколку просторот се користи само за цвеќе или зачински растенија, мебелот најчесто не се користи, меѓутоа доколку просторот се користи за опуштање и одмарање, тогаш ситуацијата би била поинаква. Градинарскиот мебел е идеален избор, од нерѓосувачки модуларни форми наменети за современо дизајнирани простори, до класични елегантни сетови од ковано железо.
Размислете и пронајдете вистинско решение за вашиот балкон…





