Доколку сте љубители на собни растенија, тогаш дрвото на животот е секако неизбежно за одгледување во вашиот дом.
Дрвото на животот или уште познато како јука (лат. Yucca) води потекло од Централна и Северна Америка. Името „дрво на животот“ го добило од Индијанците, кои го одгледувале пред 2000 години и го користеле како лек. Поради својот уникатен изглед и голема издржливост, ова растение често се одгледува во домот – украс за собата и терасата.
Има дебело стебло на кое растат шилести листови во облик на розета. Расте многу полека, а може да достигне висина од 1 до 3 m. Во природата од розетата може да порасне цветно стебло долго повеќе од 50 cm со многу ѕвончести цветови.
Познати се околу 50 видови на јука, а најпознати се: Yucca alifolia – која има густи сиво-зелени остри листови и Yucca elephantipes – која може да достигне висина до 12 метри. Оние видови кои успеваат во градините, немаат стебло, туку само тврди зашилени и долги листови кои може да бидат доста опасни при допир.
Нега и одржување – Ова собно растение бара доста светлина. Од пролет до есен треба редовно да се залева со прихранување на секои седум дена, во лето се залева 2-3 пати седмично. Во зима полевајте го еднаш седмично и не го прихранувајте. Најбитно, треба да се внимава да не се претера со количеството на вода, бидејќи тоа може да доведе до заболување на коренот и негово трулење.
Во летниот период може да го изнесете на балконот ако има доволно сонце. Во текот на зимата, ставете ја во поладна просторија (5-10°С), но поднесува и повисока собна температура. Ако ја чувате на ниска температура, после некое време може да овене.
Ако во зима стои на потемно или претопло место, листовите ќе почнат нагло да опаѓаат. Тогаш растението треба да го преместете на посветло место и да престанете да го залевате, за да може почвата да се исуши (6-8 седмици). После тоа, пресадете ја во нова почва и помалку залевајте.
Одгледување – Ова растение нема некои посебни потреби при одгледување. Бидејќи бара повеќе светлина, слободно можете да ја поставете на директно сонце.
Се сади во поголема саксија и се пресадува дури кога коренот ќе ја исполни саксијата. До тогаш доволно е да го заменувате површинскиот слој земја. Пресадувањето се врши на секои 2 години, но ако брзо расте може и секоја година. Секогаш на дното на саксијата ставете чакал или парчиња тула за подобра дренажа.
Размножување – Јуката може да се размножува со семе, со резници или од млади изданки. Семето се сее во март, на топло и суво место. Ако се размножува со семе, тогаш треба да се посее во март и да се остави на топло и суво место. Кога ќе никне младото растение, пресадете го во мала саксија со големина околу 7 см и чувајте го на место без провев.
Друг начин на размножување е со скалпел или нож да изрежете изданок со 4 листа и парче кора од стеблото. Треба веднаш да се посади во мешавина од песок и тресет и да се чува на топло место, на температура околу 20 степени со повремено залевање.





