Во Сингапур се наоѓа еден од најубавите тематски паркови во светот коj е многу оригинален, познат како „Gardens by the Bay“ или „Крајбрежни градини“, кој се состои од два дела кои фасцинираат со својата убавина. Првиот дел т.н “Supertree Grove” се состои од колекција на вештачки дрвја, додека другиот дел се состои од две големи куполи во кои има тропска клима и шумовити планински врвови.
За да може да се почувствува богатиот изглед на градината, тука се наоѓа и прекрасниот водопад во затворен простор, па нека не чуди фактот што оваа инвестиција вреди милијарда долари.
Најголемата атракција се наоѓа на самиот влез на паркот – огромни дрвја високи 25-50 метри, вертикални градини обогатени со орхидеи, папрати и разни видови на растенија кои наликуваат на вистински дрвја. Секое од овие дрвја содржи фотонапонски ќелии за производство на електрична енергија за потребите на паркот, но извршуваат и еколошка функција бидејќи ја собираат дождовницата која потоа се користи за наводнување на растенијата или за фонтаните во паркот.
Вториот дел од тематскиот изглед на овој парк се состои од две високи куполи. Првата купола носи назив “Цветна купола” и е приспособена за одгледување на многу растенија од Австралија, Јужна Африка и Јужна Америка. Во неа константно температурата се одржува помеѓу 23 и 25°C, така што во овој дел од паркот може да се почувствува автентичната природна средина како онаа на тропските континенти.
Другата купола се нарекува „Шума во облак“ и во неа се доловени климатски услови на тропските планински врвови на надморска височина од 1000-3000 метри. Очекувано, во неа температурите се многу пониски, а влажноста на воздухот повисока. Во неа се наоѓа и најголемиот водопад во светот во затворен простор со висина од 35 метри.
Овој парк веднаш по своето официјално отварање стана вистинска туристичка атракција и ги надмина сите рекорди во посетеност, а посетителите неможат да поверуваат дали тоа што го гледаат е сон или јаве.










