Хоста (Funkia) е повеќегодишно растение кое се одгледува заради своите декоративни листови. Води потекло од Јапонија, Кореја и Кина. Постојат преку седумдесет видови од ова растение, а со селекција и вкрстување се создадени висококвалитетни хибриди. Најмногу хибриди се создадени во САД, околу 1000 видови.
Листовите се разликуваат по својата боја – може да бидат чисто зелени, прошарани по средината со светли или жолти нијанси. Цвета во лето, а цветовите најчесто се со бела, светло виолетова, синкаста и црвена боја.
Се сади во плодна, хумусна, добро дренирана почва, а пожелно е да се одгледува во сенка или полусенка. Некои видови имаат поубава боја доколку расте на сончево место, но често добива изгореници од сонцето.
Пониските видови може да се одгледуваат како покривачи на почвата, под листопадно дрво. Постојат и видови кои се одгледуваат во камењарници (пониски видови). Не трпат големи осцилации на температурата – кога ноќите се ладни, а денот многу топол. Во такви услови може да помогне еден слој од мулч, кој ќе ја задржи температурата на почвата и влагата.
Се размножува со делење на корењата во пролет, меѓутоа не треба да се дели секоја година. Може да се одгледа и од семе. Една Хоста може да порасне во доста буен лиснат џбун, со ширина до 1 метар, а висината зависи од видот. Постојат ниски видови со висина од 20-30 см, а високите видови може да пораснат и до 80 см. Голем проблем им предизвикуваат полжавите кои ги грицкаат нивните лисја, па прават големи штети. Хостата е осетлива на вируси, па кога ќе се разболи пожелно е веднаш да се уништат.






