Дали некогаш сте виделе градина со повеќе од 7 милиони лалиња, зумбули, нарциси и други пролетни цвеќиња, сите расцветани во најразлични бои?
Ако не сте, тогаш имате прилика на пролет да ја посетите најубавата пролетна градина во светот, каде што ќе ве маѓепсаат над 32 хектари градини со ароматични цветови. Градината Кеукенхоф е навистина уникатна и над 60 години плени со својот раскош на бои. Паркот за првпат бил отворен за јавноста во 1950 година и постигнал неверојатен успех, со 236.000 посетители во првата година. Во 2018 година ќе се одржи 69-то издание на Кеукенхоф, а тема на изложбата ќе биде „Romance in Flowers“.
Кеукенхоф ја има честа да биде најголемата цветна градина во светот. Секоја година, милиони луковици се засадуваат рачно, за да формираат необични алеи од расцветани лалиња, зумбули, кринови, гербери, орхидеи и нарциси, а преку 100 компании во живо ги презентираат своите расцветани производи. Паркот е жив каталог на сите производители на цвеќе Холандија – излог на цветната индустрија.


Градините Кеукенхоф се изградени во далечната 1949 година, во област каде се одгледувале луковици за цвеќиња, помеѓу Амстердам и Хаг, на земјиште на кое порано постоел замок, во кој живеела холандска грофица која била вљубена во цвеќето.
Кеукенхоф во превод значи „зеленчукова градина“, а името го добила според билната градина во замокот на грофицата на Холандија Jacoba van Beieren (Jacqueline of Bavaria) – билна градина богата со овошје и зеленчук од „Keukenduin“ (кујнски дини), одгледувана специјално за кујната на замокот Тејлинген.
Освен главната градина, постојат уште 7 градини во Кеукенхоф, наречени „Инспиративни градини“. Често, посетителите се качуваат на познатите холандски ветерници кои функционираат во склоп на паркот, за да можат подобро да ги доживеат цветните градини, со целиот свој раскош на бои. Освен тоа, во паркот се организира и цветно шоу, парада на цвеќињата, како и семинари со корисни совети за љубителите фотографи.


Во паркот може да се види и водна градина и стари сорти на растенија, кои не можат да се сретнат на ниедно друго место во светот.
Она што е најинтересно е дека паркот работи само два месеци во годината. Наредната 2018 година ќе биде отворен од 22 Март и ќе трае до 13 Мај. Останатите месеци во годината служат за оддржување и аранжирање на градината.
Информации за цените, условите за посета и организирани настани може да се најдат на официјалната страница, каде можете да уживате во галеријата на прекрасни фотографии и видеа: www.keukenhof.nl.











