Овој вид се употребува за пролетна декорација и се сади во леи, рундели и по ивици, а се одгледува и во саксии, но и за сечен/режан цвет.
Маргаритката е европски вид, многугодишно растение кое во хортикултурата се одгледува како двегодишно. Во првата година развива приземна розета од листови, а во втората се развиваат цветовите поединечно на стебленцата кои пак се со висина до 15 см.
Цветовите во зависност од сортата можат да бидат бели, розеви, црвени или шарени. Најчесто се одгледуваат следните културни сорти: B.p.liliput – џуџеста форма, B.p.golijat – со крупни цветни главички и B.p.monstrosa – со полни цветови. Цвета од март до јуни кога се заменува со друго едногодишно летно цвеќе, бидејќи овој вид се смета за пролетно цвеќе. Се размножува со семе или делење на бокорот. Семето се сее во јули или август. Штом се развие, расадот се пикира во леи на растојание 10-15 см.
Во октомври или ноември добро развиените примероци се пресадуваат на постојано место (во леи, рундели), а истото може да се направи и напролет.
Ова не важи за полните цветови, кои поради тоа што немаат цевасти (издолжени) цветови не даваат семе, па затоа се размножуваат со делење на бокорот.
Без оглед на тоа дали сакаме да произведеме поголем број примероци, неопходно е на секои 1-2 години растението да го пресадиме, големите бусени да ги разделиме и на тој начин да го обновиме растението. Ако не се прави тоа, белите сорти ќе станат розеви, а полните цветови ќе станат прости.
Маргаритката е студоотпорен вид, преку зимата под снегот не измрзнуваат листовите, а ни папките. При обилно полевање и ѓубрење тие интензивно растат. За својот развој бараат растресита, плодна почва со доволна влага, но не премногу. Подолготрајно цвета при температура од 10-15°С. Сортите со полни цветови измрзнуваат зимно време па е потребно нивно покривање, особено на многу влажните почви. Летно време кога температурата се покачува над 15°С цветањето трае пократко време.



