Booking.com

Водениката (лат. Impatiens) е омилено декоративно растение во дворот заради своето обилно цветање и лесно одржување. Води потекло од Источна Африка и Индија. Расте до 50-60 см во висина. Кај народот е позната под името воденика, султанов цвет. Нејзините цветови се во најразновидни бои со интересна текстура и се доста впечатлив украс за екстериери. Латинскиот збор impatiens доаѓа од зборот im – не и pation – трпи. Називот се однесува на експлозивното отварање (пукање) на зрелите плодови, при што семето се исфрла на сите страни.
Постојат повеќе од 500 видови на ова цвеќе, претежно едногодишни и двогодишни и многу хибриди. Цветовите може да бидат со портокалова, црвена, розова и виолетова боја или прошарани. Постојат и двобојни видови на цвеќе, црвена, портокалова, розевa во комбинација со бела боја.

hortikultura.mk_impatiens_2

hortikultura.mk_impatiens_3

hortikultura.mk_impatiens_4

Се сее во јануари и тоа во супстрат кој сте го купиле или направиле со мешање на градинарска земја, арско ѓубре и малку песок. Семето не треба да се закопува, нити прекрива со земја. Ако температурата е околу 22-24°С, ќе никне за 3-5 дена. Првото залевање треба да се изврши кога супстратот малку ќе се просуши, бидејќи на тој начин ќе се поттикне квалитетно укоренување на растението.
Цвета од средина на април. Особено ценет вид бидејќи долготрајно цвета, преку цело лето, до првите мразеви на есен. Во лето треба да се заштити од јакото сонце за да цветовите останат со добар квалитет. Температурите над 16°С се погодни за брз раст и интензивно цветање. Температури над 30°С ќе го забави цветањето, меѓутоа цветовите и понатаму ќе останат убави.

hortikultura.mk_impatiens_5
Овој вид се употребува за декорација на паркови, мали плоштади (скверови), градини и други типови зелени површини и тоа како рабно цвеќе во рундели и цветни леи. Се сади и во саксии како декорација на тераси и балкони.
Разните бои на цветови овозможуваат разни комбинации за дизајнирање на градини. Може да се комбинира со светло обоени листопадни грмушки со разновидни текстури и боја или со растенија како што се папрати. Силните и живи бои, како розева, портокалова и виолетова, може да привлечат внимание. Цветовите на ова цвеќе посебно декоративно изгледаат во т.н. каскадни гредици, на кои саксиите може да се редат една под друга. На овој начин, може да се создадат цветни столбови кои на дворот, терасата или балконот, ќе му дадат интересна визуелна атрактивност.
Теракотните саксии во разни големини, со разнобојни цветови на воденика, може да дадат прекрасен акцент на екстериерот. Исто така, водениката посадена во висечка саксија секогаш е впечатлив детал за во дворот, терасата или балконот. Водениката е симбол на мајчината љубов.

hortikultura.mk_impatiens_6

hortikultura.mk_impatiens_7

hortikultura.mk_impatiens_8

Loading...